Уште од вечерва ќе почне да се пренесува отпадот од дивата депонија во Тетово во регионалната депонија кај Русиново, Гостиварско. По многубројните средби и договарања, конечно е постигнат договор за пренесување на отпадот на средба меѓу градоначалниците на Тетово, Гостивар, претседателот на региналната комисија на општините од Полошкиот регион и министерот за животна средина.
„Постигнат е договор за пренесување на отпадот од Тетово во Гостивар. Треба да се продолжи со инвестициите за да се подобрат условите за адекватно пренесување на отпадот“, рече министерот Јакупи.
„Со овој договор конечно се затвора овој проблем. Истовремено договорот нè обврзува во иднина да не дозволиме да се појават проблеми од слична природа“, рече градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи.
„Му се заблагодарувам на Советот на општините на Полог, на градоначалникот на општината кој овозможи од денеска да започнеме со пренесување на отпадот во Русино и му се заблагодарувам на министерот за неговиот ангажман“, изјави Градоначалникот на Тетово, Сади Беџети.
Проблемот со дивата депонија во Тетово траеше повеќе од девет месеци. Паралелно со пренесувањето на отпадот треба и да се завршуваат останатите инвестиции во депонијата во Русино. |